Шоубиз
Принцот Вилијам го прослави роденденот со своите деца на концертот на Тејлор Свифт
Принцот Вилијам го прослави својот 42 роденден на концертот на Тејлор Свифт на стадионот Вембли во Лондон, а друштво му правеа принцот Џорџ и принцезата Шарлот.
На профилите на Кенсингтонската палата на социјалните мрежи беше објавена фотографија од концертот со кој Тејлор го започна лондонскиот дел од нејзината турнеја „The Eras Tour“. „Благодарам Тејлор Свифт за одличната вечер“, стои во описот на фотографијата на која Вилијам и децата насмеани позираат со 34-годишната пејачка.
Самата пејачка веднаш по концертот се пофали со заедничка фотографија на својот Инстаграм профил, а покрај принцот и неговите деца, со нив позираше и Тревис Келси, момчето на Тејлор со кој таа е во врска неполна година. „Среќен роденден! Концертите во Лондон започнаа одлично“, напиша таа во описот на објавата, честитајќи му на принцот Вилијам роденден.
На социјалните мрежи се рашири и видео на кое се гледа како принцот Вилијам и неговите деца танцуваат на добро познатите хитови на Свифт.
Кејт Мидлтон остана дома со принцот Луис, но затоа на концертот беа и некои други членови на кралското семејство, меѓу кои и братучетката на Вилијам, Зара Тиндал со нејзиниот сопруг Мајк. На концертот во Лондон беа и моделот Кара Делевињ, актерката Салма Хајек и лидерот на лабуристите Сер Кир Стармер.
Свифт ќе одржи концерти на Вембли и вечерва и во недела, а потоа во август ќе се врати во Лондон каде ќе одржи уште пет концерти.