МК Сцена
Вечерва започнаа 54. Струшки вечери на поезијата
Струшките вечери на поезијата се голем триумф на македонската култура и традиција која несомнено на еден благороден начин го збогатува европскиот и светскиот културен простор, нагласи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на отворањето на 54. фестивалско издание.
Фестивалот почна со традиционалното читање на Константиновата Т’га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, а претходно во Паркот на поезијата беше засадено дрвце во чест на лауреатот, добитникот на највисокото признание „Златен венец“, кинескиот поет Беи Дао.
Струшките вечери на поезијата, според министерката, несомнено се еден искрен придонес на нашата држава во заемното запознавање и почитување на културите и градењето на новата димензија на пријателството меѓу народите во светот.




