
Музика
Пол Калкбренер премиерно во Македонија, на Грин Бич Фестивал!
Апсолутниот лидер на современата светска електронска сцена ПОЛ КАЛКБРЕНЕР (PAUL KALKBRENNER) гостува за прв пат во Македонија на овогодишното, десетто издание на Грин Бич (Green Beach) Фестивалот, кое ќе се одржува на 1-ви и 2-ри август во Струга!
Еден од најголемите светски електронски продуценти Пол Калкбренер, познат е по хедлајнерските настапи на најголемите фестивали и стадионски спектакли пред десетици илјади луѓе, кои пред него беа резервирани само за најголемите светски бендови како што се „Ролинг Стоунс“ и „Ју-Ту“. Во историјата на музиката ќе остане запаметен неговиот настап по повод одбележувањето на 25 години од падот на Берлинскиот ѕид пред половина милион луѓе, што уште долго време ќе остане недостижна бројка и за најпознатите светски имиња. Со неговиот настап на 1-ви август ќе биде одбележано големото отворање на јубилејниот Грин Бич Фестивал кој и ова лето ќе се одржува на локацијата кај хотел „Еуротел“ во Струга!
Калкбренер е несомнено симбол на Берлин како светска престолнина на современата електронска сцена. Творецот на електронските класици меѓу кои е и мултиплатинестиот „Sky & Sand“, е главен актер во култниот филм и истоимен албум „Berlin Calling“ кој се ширеше на интернет како своевидна техно библија, а интересот за самиот филм најдобро го илустрира фактот дека тој неколку години непрестано беше на репертоарот на берлинското „Кино Централ“.



