МК Сцена
Водечката џез хип-хоп уметница АКУА НАРУ премиерно во Скопје!
ТАКСИРАТ Фестивал годинава го одбележува своето јубилејно 20-то издание, а прославата за 20 години алтернатива во Македонија стигнува и во рамки на претстојното издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „ПРВО ПА ЖЕНСКО“ кој ќе се одржува во МКЦ од 3-ти до 6-ти мај.
Како резултат на оваа соработка на „Таксират“ и „Тиииит! Инк“, во Скопје ја пречекуваме американската пејачка со светско реноме, феноменалната АКУА НАРУ (Akua Naru). На концертот за затворање на „Прво Па Женско“, на 6-ти мај (недела) во МКЦ, за прв пат кај нас, македонската публика ќе има прилика да ја чуе во живо една од водечките женски хип-хоп вокали.
Нејзината музика претставува комбинација на хип хоп, џез и соул. Себе си се опишува како политичка хип-хоп уметница и активистка. Нејзиниот звук го споредуваат со flow-то на Раким, поетиката на Лорин Хил и, конечно, во единствената моќ да говори во име на афро-американките, со Нина Симон. Акуа храбро јо комбинира „новата“ и „старата“ школа, бранејќи ги своите ставови со уникатни метафори.




