МК Сцена
Врачување на „Златниот венец“ на лауреатот Беи Дао на Струшките вечери на поезијата
На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ што традиционално секоја година се одржува на Мостот на поезијата со врачување на „Златниот венец“ на годинашниот лауреат кинескиот поет Беи Дао и доделување на наградите „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ вечерва завршува 54. издание на Струшките вечери на поезијата.
Годинашниот лауреат, кинескиот поет Беи Дао е 50-ти јубилеен добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лаворов венец. За Македонија рече дека ја гледа како мала земја со древна историја, која успеала да развива поетски фестивал повеќе од половина век со толкаво влијание во светската поезија. Беи Дао, кој пред 12 години беше учесник на фестивалот, истакна дека признанието е многу важно за него, но и дека е среќен што има можност повторно да се сретне со големи поетски имиња од светот.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата за 2015 година ќе и биде врачена на Виолета Танчева-Златева за книгата „Година без лето“.




