Ракомет
Македонија ја победи Црна Гора и се избори за втора фаза на ЕП
Репрезентацијата на Македонија ја запиша втората победа на ракометното Европско првенство во Хрватска и си обезбеди пласман во втората фаза. Вечерва во Загреб, македонските ракометари беа подобри од Црна Гора со 29:28 за максимални четири бода и прво место на табелата во Ц-групата по две одиграни рунди.
Избраниците на селекторот Раул Гонзалес покрај тоа што си го обезбедија учеството во следниот круг, таму ќе пренесат најмалку два бода што е предуслов плус за висок пласман, па дури и атак на полуфиналето доколку в среда против Германија се одигра барем нерешено.
„Црвено-жолтите“ бодрени од преку три илјади македонски навивачи присутни во „Арена Загреб“ покажаа дека саботниот триумф над Словенија не бил случаен. Црногорците немаа доволно сили до крај да им се спротивстават на Кирил Лазаров и неговите соиграчи кои го добро го отворија натпреварот со водство од 2:0 и 4:2. Следуваше серија на противникот од 4:0 за резултатски пресврт. По највисоките три гола плус за Црна Гора, македонските ракометари заиграа поцврсто во одбраната и успеаја да изедначат во 20.минута на 10:10. Сепак, со предност од еден гол (16:15) за Црна Гора се отиде на пауза.




