Останато
На 6-ти мај Скопје ќе бие во ритамот на Виз Ер Скопски маратон
14-от Виз Ер Скопски маратон повторно ги урна своите рекорди со преку 10.000 пријавени од 58 земји од светот. Тие ќе ги заземат своите позиции на стартот на патеката на 6-ти мај во 08.30 часот и со самото свое учество уште еднаш ќе потврдат дека Виз Ер Скопски маратон е најпопуларниот спортски настан во Македонија и пошироко. Самата популарност на манифестација оваа година ќе е надградена со присуството на ексклузивната гостинка, светската рекордерка, Пола Редклиф.
Пола на прес конференцијата организирана во Парк Хотел и Спа упати порака до сите инволвирани истакнувајќи „Им посакувам на сите учесници многу среќа и успех. Сигурна сум дека ќе има преубава забава и уживање на Виз Ер Скопски маратон.“.
„За потребите на организацијата на маратонот Градот Скопје обезбеди логистичка и финансиска поддршка. Сите јавни претпријатија на градот се ставени на располагање да се погрижат за состојбата и безбедноста на патеката долга 42.195 метри. Ги повикувам граѓаните на Скопје, во недела, на 6 мај, да излезат во што поголем број да им дадат силна поддршка на своите фаворити. На учесниците на Виз Ер Скопски маратон 2018 им посакувам успешни трки, добра забава, дружење и нека победат најдобрите.“, рече Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.


