Ракомет
Норвешка пресилна за ослабената Македонија во првото осминафинале на СП
Ракометната репрезентација на Македонија не успеа да се пласира во четвртфиналето на Светското првенство во Франција, откако попладнево во Албервил загуби од фаворизираната Норвешка со 34:24.
„Црвено-жолтите“ иако ослабени без Дејан Манасков и Филип Миркуловски имаа сили да одиграат добро само во прво полувреме во кое имаа и водство со 9:8. Скандинавците возвратија и на полувреме отидоа со водство од 12:10. Македонските ракометари можеа да имаат и поповолен резултат доколку реализираа барем дел од неколкуте одлични позиции. Три пати беше погодувана и рамката од голот.
Сепак, отсуството на двајцата од првиот тим значително се почувствува во вторите 30 минути. По една и пол минута во вториот дел беше 14:10. Неколкуте грешки во нападот им овозможија лесни голови на Норвежаните и високи осум голови предност во 43.минута, а девет минути подоцна за првпат и двоцифрена разлика (28:18) за рутинирано приведување на мечот кон крајот.





