Сѐ е подготвено за старт – во недела ќе се трча HalkEco Скопје Трча 10КМ
Традиционалната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ оваа година ќе се одржи на 13ти јуни, во недела, со почеток од 7:30 часот. Стартот и целта на овогодинешната десет километарска трка ќе бидат на улицата Илинденска, пред фонтаната Лотос. Оваа брза улична трка повторно ќе ги исполни скопските улици со спортски и позитивен дух.
Стартните пакети учесниците ќе може да ги подигнат во петок и сабота, на 11 и 12 јуни, во период од 12:00 до 19:00 часот, во кугланата на СРЦ „Борис Трајковски“. Натпреварувачите, пред стартот на трката ќе бидат поделени во пет стартни боксови, согласно одбраното време за трчање и ќе трчаат еден круг.
Ќе се трча од стартот на булевар Илинден, во правец кон Карпош 4, па лево од улицата Никола Парапунов до булеварот Партизански одреди, каде што ќе се врти десно во правец кон Ѓорче Петров, а кај мостот Влајко ќе се врти полукружно на раскрсницата со Ангел Динев, потоа ќе се трча по булеварот Партизански одреди до раскрсницата со улица Љубљанска, каде ќе се врти полукружно и ќе се трча до раскрсницата со улица Никола Парапунов, по што ќе се трча до самиот крај на улицата и ќе се врти десно на булеварот Илинден, по кој ќе се трча до целта, кај фонтаната Лотос.





