Актуелно
АЕТМ: E-трговијата продолжува да расте – 110 нови отворени е-продавници
Согласно најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба за период од 6 месеци заклучно до 30.06.2022 година од страна на Народната банка на Република Северна Македонија трендот на пораст како на вредноста така и на бројот на трансакциите и понатаму е значителен.
Македонците потрошиле речиси 195 милиони евра во првите 6 месеци од оваа година кон домашни онлајн продавници што претставува 70% од вкупната вредност на направени онлајн трансакции.
И во текот на првата половина од 2022 година, Македонците најмногу купуваат од домашните е-продавници, но темпото на пораст во однос на двете последни години е со помал интензитет. После остварениот пораст од 169% во првата половина од 2020 година и 83% во 2021 година, во текот на првите шест месеци од 2022 година Македонците со домашни картички кон домашни е-продавници потрошиле речиси 195 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 22% во однос на истиот период претходната година (согласно ревидираните податоци за 2021 година на НБРСМ од март и јуни 2022).

