Актуелно
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во соработка со ГИЗ ќе гради регионална платформа за поддршка на е-трговијата во Западен Балкан
По успешно лансираната платформа Ecommerce4All.mk за македонскиот пазар, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија со поддршка Отворениот регионален фонд за надворешна трговија – регионален проект имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ), ќе ја развива и шири платформата регионално, правејќи ја достапна за земјите од ЦЕФТА регионот.
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во 2020 година ја лансираше платформата Еcommerce4all.mk која претставува центар со информации и ресурси за водење на бизнис со е-трговија за сите постојни и нови е-трговци во Северна Македонија. Платформата беше развиена како дел од проектот “Е-трговија за сите” поддржан од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, а сега истата ќе се проширува за сите земји од ЦЕФТА регионот, односно Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Молдaвија, покрај Северна Македонија.
“Секогаш кога работата е препознаена тоа претставува мотивација за уште подобра работа и понатамошен придонес за развој на е-трговијата. Драго ни е што нашата работа беше препознаена од GIZ и што ќе имаме можност да ја шириме платформата “Ecommerce4All” регионално. Со 18 милиони популација и проценета вредност од 1 милијарда евра во е-трговија, ЦЕФТА регионот содржи голем потенцијал за раст и ширење на компаниите со е-трговија. Платформата ќе претставува практично центар со ресурси и информации за клучните аспекти во е-трговија за сите земји (генерални информации за состојбата со е-трговијата, регулативата, доставата и е-плаќањата). Истата ќе може да им служи на сите компании локално за водење бизнис со е-трговија во нивната земја, но уште поважно ќе може да им служи при нивните планови за ширење во другите ЦЕФТА земји. Овој проект носи голем потенцијал за придонесување кон развојот на преку-граничната е-трговија, а драго ни е што во рамки на проектот ќе имаме прилика да ја зајаканеме соработката и со Асоцијациите за е-трговија во земјите каде се формирани, како и да поттикнеме формирање на нови Асоцијации во ЦЕФТА каде што не постојат, кои ќе ја претставуваат е-трговијата во нивните земји.” – вели д-р Нина Ангеловска, Претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.



