Актуелно
Доделени наградите за е-трговија за 2022 година, погледнете кои се победниците
Вчера, во хотелот DoubleTree by Hilton Skopje се одржа свечена манифестација за доделување на македонските награди за е-трговија за 2022 година – “Ecommerce Awards”, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ. Манифестацијата се одржа во присуство на членките на АЕТМ, поддржувачите и партнерите, жири комисијата и наградените е-трговци, а целиот настан изобилуваше со богата програма составена од голем број на домашни уметници и актери.
На изборот за најдобри е-трговци во Македонија за 2022 година, домашните е-трговци се натпреваруваа во вкупно 23 категории, организирани во 3 секции: “Најдобри е-продавници по сектори”, “Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање” и “Шампиони во е-трговија”, во чии рамки се додели и главната награда „Е-трговец на годината”.
Изборот на најдобрите од е-трговијата за 2022 се организираше во 5 фази по внимателно дизајниран процес и методологија. Изборот започна со пријавување на е-трговците, каде што повеќе од 150 домашни компании се пријавија за учество на натпреварот. Оние кои ги исполнуваа условите беа поставени за гласање од јавноста, каде што во текот на јануари и февруари беа собрани 93.390 гласови од 6.584 гласачи. По гласањето од јавноста се формираа ранг листите со финалисти во секоја категорија, за кои следуваше гласање од стручната жири комисијата која се состоеше од 13 членови. Во категориите со 30 или повеќе номинирани компании, листата на финалисти се состоеше од 10 финалисти и потоа на крајот беа избрани 3 победници (1во, 2ро и 3то место), додека во категориите со помалку од 30 номинирани компании, листата на финалисти се состоеше од 5 е-трговци, од кои еден беше избран за победник.





