Актуелно
Избрани најдобрите во македонската е-трговија за 2023 година
Вчера се одржа свечена манифестација за доделување на македонските Награди за е-трговија за 2023 година – “E-commerce Awards”, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ. Манифестацијата се одржа во присуство на членките на АЕТМ, поддржувачите и партнерите, жири комисијата и наградените е-трговци, а целиот настан изобилуваше со богата програма составена од домашни уметници.
На гала манифестацијата се одбираа најдобрите македонски е-трговци за изминатата 2023 година, кои се натпреваруваа во 24 категории поделени во три секции: најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање, најдобри е-продавници по сектори и шампиони во е-трговија.
Изборот на најдобрите од е-трговијата за 2023 се организираше во 5 фази. Започна со пријавување на е-трговците, каде што повеќе од 160 домашни компании се пријавија за учество на натпреварот. Оние кои ги исполнуваа условите беа поставени за гласање од јавноста, каде што во текот на јануари и февруари беа собрани повеќе од 111.200 гласови од повеќе од 6.100 гласачи. По гласањето од јавноста се формираа ранг листите со финалисти во секоја категорија, за кои следуваше гласање од стручната жири комисијата која што оваа година се состоеше од 12 членови – експерти во различни области поврзани со е-трговија. По собирање на гласовите од јавноста и од стручната жири комисија, согласно воспоставената методологија утврдена во Правилникот на наградите, според која гласовите од публика учествуваа со 40% во вкупниот ранг и 60% на жири комисијата, беа формирани финалните ранг листи кои ги одредија победниците. Вкупно беа доделени 38 награди на најдобрите домашни е-трговци, поделени во 24 категории. Категоријата “Најпопуларна е-продавница” беше единствената категоријата во која наградата беше доделена единствено врз основа на бројот на гласовите од јавноста.




