Актуелно
Над 230 илјади денари собрани во хуманитарната аукција на ПроКредит Банка на фотографии од ретки птици од Македонија
ПроКредит банка успешно реализираше хуманитарна аукција на уметнички фотографии на фотографот Велиан Јагев, на која беа собрани 231 илјади денари, кои ќе бидат донирани во проекти за подобрување на условите за живот на ретки и уникатни птици кои живеат на територијата на Македонија.
Хуманитарната аукција се одржа на 27 јуни во просториите на Централна Управа на ПроКредит банка, со што се заокружи патувачкиот караван „НЕзаштитена природа“, кој во периодот од 2 до 18 јуни посети шест градови низ целата држава, привлекувајќи големо внимание и интерес на посетителите.
“Зачувувањето на домашното природно наследство е одговорност на секој поединец, а зголемувањето на бројот на заштитени подрачја во Македонија, особено националните паркови, треба да биде показател за заедничката посветеност кон одржлива иднина. ПроКредит банка со гордост го поддржа овој проект, чија цел е подигнување на свеста за важноста за зачувувањето на незаштитените природни подрачја значајни за птиците и за биодиверзитетот, а истовремено и промоција и поддршка на нашите македонски автори.”, изјави Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на банката.





