Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Повеќе од 11.000 учесници на скопските улици: Заврши 19то издание на Виз Ер Скопски маратон

Актуелно

Повеќе од 11.000 учесници на скопските улици: Заврши 19то издание на Виз Ер Скопски маратон

Над 11.000 тркачи од 53 земји од светот, утрово ги исполнија скопските улици со спортска атмосфера, натпреварувачки дух и многу задоволни лица. Ваква беше сликата на стартот на 19то издание на Виз Ер Скопски маратон.

Трките започнаа точно во 8 часот и тркачите на маратон, полумаратон,  штафетниот маратон „ЕУ за спортот“, од кај старата Градска општа болница „Св. Климент Охридски“, поминаа низ плоштадот „Македонија“ и од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов се упатија кон Хром. Учесниците на 5км својата трка ја започнаа од „Рекорд“ кон Аеродром. Финишот на сите трки беше плоштадот „Македонија“, како традиционалното место за завршување на Виз Ер Скопскиот маратон.

На овогодинешното издание на Виз Ер Скопски маратон, победник во машка конкуренција беше Виктор Киплагат Серем од Кенија со време од 02:15:09, второто место го освои Лабан Черуијот од Кенија со време од 02:16:03, а пиедесталот го дополни нашиот натпреварувач Дарио Ивановски со време од 02:19:08.

Во женска категорија прва до целта стигна Рут Чемисто Матебо од Кенија со време од 02:44:17, второпласирана заврши Мерси Јебичи Кипкемои од Кенија со време од 02:44:52 и третото место го освои Марија Врајиќ од Хрватска со време од 03:12:51.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ги додели наградите на прво пласираните на маратонот и се заблагодари на целата организација и волонтерите, кои несебично работеа и овозможија овогодинешното издание на Виз Ер Скопски маратон да се одржи беспрекорно добро.

Од женските претставници на Македонија, првото место го освои Билјана Кираџиева со време од 03:15:17, второто место ѝ припадна на Тамара Јолевска Попов со време од 03:24:00, а на трето место заврши Катерина Шиповиќ со време од 03:43:36.

Во машка конкуренција од македонските натпреварувачи, прв до целта стигна Дарио Ивановски со време од 02:19:08, второто место му припадна на Жан Тосев со време од 02:29:29, додека на третото место заврши Сашо Богојевски со време од 02:38:59.

Најдобар  на полумаратонот во машка конкуренција беше Бен Фелтон од Велика Британија со време од 01:09:17, на второ место заврши Велимир Бојовиќ од Србија со време од 01:09:55, додека третото место му припадна на македонскиот атлетичар Леонид Вандевски  со време од 01:10:10.

Победничка на полумаратонот во женска категорија беше нашата натпреварувачка Адријана Поп Арсова со време од 01:21:19, пиедесталот го пополнија Греса Бакрачи од Косово со време од 01:23:20 на второто место и Наиле Сеферај од Косово со време од 01:29:53 на трето место.

Во машка категорија од македонските атлетичари победник на полумаратонот годинава е Леонид Вандевски со време од 01:10:10, на второ место Муџахид Мислими со време од 01:12:22, додека трет беше Иван Пешовски со време од 01:12:33.

Победничка во женска конкуренција на полумаратонот е Адријана Поп Арсова со време од 01:21:19, второто место ѝ припадна на Благица Јованова со време од 01:37:39, додека како третопласирана заврши Ана Шикоска со време од 01:37:48.

Наградите на победниците на полумаратонот ги додели претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски.

Победници на најкратката трка по должина, 5км, беа Пиер Фурние од Швајцарија за време  16:00 во машка конкуренција, втор заврши Александар Арсов од Македонија за време  16:14 и трет беше Григоријан Никовски од Македонија за време  16:27, додека кај дамите друштво на пиедесталот на нашата победничката Теа Божиновска  за време 19:44 ѝ правеа сонародничките Ирма Хајдари  за време 20:33 и Гега Окета  за време  20:55.

Организаторите на Виз Ер Скопски маратон им честитаа на победниците и учесниците, кои оваа година учествуваа на најголемата спортска манифестација во Македонија, им се заблагодарија на сите волонтери за вложеноста и спортскиот дух, кој што секоја година го краси овој настан.

„Задоволство ми е кога ќе ги видам скопските улици исполнети со луѓе уште во раните утрински часови. Им честитам на победниците на трките, како и на сите, кои учествуваа и покажаа дека се грижат за своето здравје преку физичка активност. Благодарност до волонтерите, за нивниот труд да имаме уште еден во низа одлично организиран маратон. Наредната година е јубилејното 20то издание на Виз Ер Скопски маратон, со што покажуваме дека оваа спортска манифестација е позната насекаде низ светот, па за таа цел ќе подготвиме многу изненадувања за сите,“ – изјави Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

Виз Ер Скопски маратон е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со АК „Работнички“, под покровителство на Агенцијата за млади и спорт, Град Скопје и Делегацијата на Европската Унија.

Наградите за најдобар транспарент и најдобра фотографија ќе бидат објавени во текот на денот на официјалните страни на социјалните медиуми на Виз Ер Скопски маратон: Фејсбук и Инстаграм.

This slideshow requires JavaScript.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.