„Проект Скопје“ повторно ќе ги обедини светските архитекти
Светските архитекти од Јапонија, Холандија и САД, 55 години по планот на Кензо Танге за Скопје, повторно во Скопје ќе разговараат за моќта на архитектурата и урбанизмот. Со тридневниот „Проект Скопје“, кој ќе се оддржи од 21 до 23 октомври годинава, Архитектонскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ќе продолжи со одбележување на 70 годишнината од своето основање и 55 годишнината од донесувањето на планот за реконструкција на центарот на градот Скопје.
По разорниот земјотрес во 1963 година, кој остави повеќе од 80% од зградите во урнатини, Обединетите Нации вложиле исклучителен напор за реконструкција и редизајн на Скопје, поканувајќи во обновата да се вклучат голем број светски архитекти, меѓу кои Кензо Танге од Јапонија, Јап Бакема и Ван ден Брук од Холандија како и Константин Доксиадис од Грција. Нивните проекти биле потврда на идејата дека модерните градовите и општествата можат да бидат проектирани и реконструирани преку идеи и концепти кои се својствени на архитектурата и урбанизмот, а притоа и се длабоко хуманистички.
Точно педесет и пет години по изработката и усвојувањето на планот за реконструкција на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во Скопје ќе гостуваат со свои предавања архитектите Реинер де Граф од ОМА студиото од Холандија и Су Фуџимото од Јапонија, како и проф. Чарлс Валдхајм од Харвард универзитетот во САД.




