РСБСП: Да ја зголемиме безбедноста на децата во сообраќајот
Децата се најранливите учесници во сообраќајот. За деца во сообраќај се сметаат лица на возраст од 0 до 14 години. За жал, сообраќајните несреќи се меѓу петте најчести причини за смрт на деца во светот. На секои четири минути на патиштата низ светот, едно дете го губи животот.
Ваквите несакани настани предизвикуваат неописливи страдања и тага, и оставаат последици врз функционирањето на семејствата. Се рефлектираат и врз општеството кое останува лишено од многу млади животи кои со својот интелект и младост требало да бидат двигатели, односно „сила на општеството“.
Децата учествуваат во сообраќајот како патници, пешаци и возачи (пр. возачи на велосипеди). Според статистиката најголем број од децата стрaдаат како патници во возило, што е дополнето и со фактот дека многу мал процент од родителите безбедно ги превезуваат своите деца на детски седишта во автомобилите. Нешто помал процент од децата се загрозени како пешаци, а најмал е процентот на настрадани деца при управување со велосипед.


