Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Скопје и Будва во финалниот избор за Европска престолнина на културата во 2028 година

Актуелно

Скопје и Будва во финалниот избор за Европска престолнина на културата во 2028 година

Скопје и Будва влегоа во потесниот избор за да станат Европска престолнина на културата во 2028 година. Ова е објавено на веб-страницата на Европската комисија во делот за култура и креативност.

Носител на апликацијата е јавната установа Универзална сала, а проектот е финансиран од Град Скопје.

Град Скопје првпат во 2014 година ја најави идејата за кандидатура за титулата Европска престолнина на културата како дел од заложбите за европска интеграција на градот. Скопје е главен град на земја со повеќегодишен кандидатски статус за членство во ЕУ.

„Будва и Скопје влегоа во потесниот избор на конкурсот за титулата Европска престолнина на културата за 2028 година во земји на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат. Панел составен од 10 независни експерти го предложи потесниот избор на еднодневниот онлајн состанок“, се наведува во соопштението.

Влегувањето во потесниот избор за титулата ЕПК 2028 може да резултира со значителни културни, економски и социјални придобивки за градовите, под услов нивната понуда да е предводена од долгорочна развојна стратегија за културата.

Градовите имаат рок до јуни 2023 година да ги комплетираат своите апликации. Панелот ќе се состане во септември 2023 година за да селектира и предложи еден град кој ќе стане трета европска престолнина на културата од земја на ЕФТА/ЕЕА по ЕПК Нови Сад (Србија) во 2022 година и ЕПК Бодо (Норвешка) во 2024 година.

Во истата година, ќе има уште две европски престолнини на културата, една во Чешка (Бромув и Будвајс се најдоа во потесниот избор во октомври 2022 година) и една во Франција (селекцијата за француските градови ќе се одржи на почетокот на март 2023 година).

За градовите да станат европска престолнина на културата, постапката за избор се спроведува во два круга: предизборен круг, по што се составува потесен список на градови кандидати и девет месеци подоцна – финален изборен круг.

За натпреварот меѓу градовите во земја на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат кој учествува во програмата на Креативна Европа, панел составен од 10 независни експерти назначени од институциите и телата на Европската Унија ги евалуираат апликациите и предложуваат потесен список, а во вториот круг избраниот град го предложуваат до Европската комисија. Избраниот град потоа официјално е назначен од Европската комисија.

Градовите кои ќе поднесат апликација треба да подготват културна програма со силна европска димензија, а мора да имаат трајно влијание и придонес за долгорочен развој на градот. Градовите исто така мора да покажат дека имаат поддршка од релевантните јавни локални власти и капацитет за реализација на проектот (тим и инфраструктура).

Европска престолнина на културата е програма на Европската Комисија започната во 1985 година. Идејата за ЕПК се иницира и започнува во 1985 година по предлог на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури (актерка). Европската престолнина на културата прерасна во еден од најамбициозните културни проекти во Европа и стана една од најпознатите и најценетите активности на ЕУ. Целта на ЕПК е да се промовира различноста на културите во Европа, да се истакнат заедничките карактеристики и да се поттикне придонесот на културата во долгорочниот развој на градовите.

Во периодот од 1985 до 2021 година, оваа титула е доделена на околу 60 градови од 30 земји од Европа, меѓу кои се повеќе градови од Југоисточна Европа, а од 2021 и на градови од земји кандидати за Европска Унија.

Програмата има за цел да го нагласи богатството и разновидноста на културите во Европа, да ги празнува културните карактеристики кои европските граѓани ги споделуваат, исто така има за цел да го зголеми чувството на припадност на европските граѓани кон една заедничка културна област и да го поттикне придонесот на културата во развојот на градовите.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.