Вести
Бимилк прославува 65 години постоење
Традиција, врвен квалитет и континуиран успех – веќе 65 години Битолска млекара работи на својата цврсто вкоренета мисија да им обезбеди на потрошувачите здрави, вкусни и хранливи производи, со цел да се подигне нивото на свесност и неопходноста од здрав и избалансиран начин на исхрана.
Самиот факт дека компанијата е формирана како првата млекарница во Македонија говори за долгогодишната традиција, за беспрекорниот квалитет и за 65-годишната посветеност во работата да се изгради бренд со тежината на името „Млекара Битола“.
Бимилк своите корени ги влече од далечната 1952 година, кога од повеќе трговски претпријатија е формирано млекарско претпријатие „Млекар“ Битола, чиј дневен капацитет тогаш изнесувал 10.000 литри, а денес, по 65 години, компанијата може да се пофали со годишна преработка на над 90 милиони литри млеко и производство на повеќе од 54 различни производи.


