Актуелно
Деканатот на ФЕИТ задоволен од интересот на кандидатите за упис во прва година
Голем интерес за запишување во прва година во 2015/2016 има на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ) каде што аплицирањето е електронско и во тек. За оваа година на ФЕИТ се предвидени вкупно 600 слободни места, 460 за редовни студенти во државната квота и 140 за редовни студии со кофинансирање.
Деканот на ФЕИТ Миле Станковски очекува во првиот рок да бидат запишани повеќе од 360 студенти, колку што беше квотата во минатите години. Квотата годинава е зголемена токму поради се поголемиот интерес на матурантите да студираат технички науки. Интерес за ФЕИТ секоја година има и од по 10-15 студенти од странство.
– Квотите кои ги баравме ни се одобрени од Владата и очекуваме дека оваа година ќе го надминеме бројот од минатата година. Можеби нема да го достигнеме бројот 600, но се надеваме дека државната квота во целост ќе ја исполниме. Според она што досега го имаме на онлајн-пријавувањето, интересот е исклучително голем. И покрај тоа што добар дел од средношколците ги немаат добиено дипломите, бројот на пријавени по интернет е поголем од изминатите години. Особено не радува што квалитетот на пријавените кандидати е доста висок, над 80 отсто се со над 90 поени. Тоа за нас е многу битно зашто инсистираме на тоа, а досега и го постигавме – да примиме добри кандидати со што не е проблем да го одржиме квалитетот на образованието кое го нудиме, изјави Станковски.



