Актуелно
Детето од Хиподром оперирано и вон животна опасност
Состојбата на шестгодишното дете кое вчера мајката го фрли од четврти кат во населбата Хиподром при што тоа се здоби со повреди на главата, е во стабилна здравствена состојба и не е во животна опасност.
Ова денеска го изјави директорот на Клиниката за неврохирургија, Александар Чапароски, кој рече дека на детето му била извршена интервенција поради крварење, сега е будно, контактибилно и малку поспано, меѓутоа во добра состојба е. Детето сега е на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
– Операција мораше да направи заради појава на крварење меѓу коската и овојниците на мозокот. Вчера кога е примено на иницијалниот скен немаше знаци за крварење, а попладне се појави ова крварење и мораше да се реши хирушки. Операцијата помина добро без проблеми. Детето е во стабилна состојба, да се надеваме дека ќе продолжи така и натаму, рече Чапароски.



