Актуелно
ФОТОГАЛЕРИЈА: Бадникова прослава пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“
Во присуство на голем број верници денеска на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје се одржа традиционалното 24. по ред одбележување на големиот христијански празник Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.
Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во својата беседа до скопјани и до сите добронамерници изјави дека празниците се прилика за духовна смотра и можност за преиспитување на себеси колку ја живееме христовата порака, колку постапуваме по законите и заповедите на Светата црква, и дали знаеме што всушноат празнуваме и како треба да празнуваме. Тој со порака дека токму во вербата во Бога треба да ја бараме потребната радост и да го гледаме излезот и од најтешките ситуации.
– Гледајќи што на народите им се случува веројатно некој се прашуваат како да празнуваме денес, како да живееме во иднина. Светиот Апостол Павле дал одговор и за ова наше време порачувајќи, радувајте се секогаш во господ и пак ви велам радувајте се, а Свети Апостол Јован додава таа ваша радост во господа никој неможе да ви ја одземе. Тоа значи да веруваме дека и во најтешките времиња бог промислува за луѓето. Со доаѓањето на синот божји во светот бог постојано се раѓа во човечките души па и во ова наше време да веруваме ќе испрати нова надеж, нова љубов, нови добротворства. Токму во него во господа треба да ја бараме потребната радост и да го гледаме излезот и од најтешките ситуации. Деновите и времињата што ги живееме се ништо во споредба со вечноста кон која треба да се стремиме творејќи дела што траат и остануваат и во меморијата на луѓето и народите и пред бога, порача поглаваратот на МПЦ-ОА.









