Актуелно
Груевски: Политичката криза решена, во април ќе оствариме историска победа
Предвремени парламентарни избори во Македонија ќе се одржат на 24 април следната година. Сто дена пред изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира привремен премиер, што ќе биде системско решение и за сите наредни избори. СДСМ се враќа во Парламентот на 1 септември и ќе предложи технички министер за внатрешни работи, а ќе се избере и нов јавен обвинител.
Премиерот Никола Груевски презентирајќи го постигнатиот договор на повеќечасовната средба на партиските лидери со посредство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска изјави дека политичката криза во Македонија е решена, преговорите завршиле успешно со договор за избори и оти тој е задоволен од постигнатиот договор.
– Политичката криза во Македонија е решена, европските перспективи на Република Македонија остануваат отворени, а економијата се ослободува од наметнатите стеги од политичката криза и ќе продолжи да расте, што значи нови работни места и нови инвестиции, рече Груевски, заблагодарувајќи се на сите кои помогнале во целиот процес, пред се на претставниците на ЕУ, на САД, тројцата европратеници и особено комесарот Хан.


