Актуелно
Хафингтон пост: Десет причини да се посети Македонија
Популарната интернет страница Хафингтон пост објави 10 причини за да се посети Македонија, во кои се вели дека главни атракции на земјата се прекрасните езерски одморалишта, богатата историја, љубезните жители, но и поволните цени за странските туристи.
„Откако годинава беше наведена како едно од 50-те места кои треба да ги посетите од страна на весникот Њујорк Тајмс, оваа земја со корени кои допираат од времето на Александар Македонски нуди 10 причини зошто треба да ја посетите. Македонија е комбинација на старото и новото, со нови, монументални згради крај брегот на реката Вардар во Скопје, преку која минува историскиот Камен мост, кој ги поврзува модерните трговски центри со преполниот Стар Град”, пишува новинарката Шерон Хоуг во Хафингтон пост.
Интернет страницата посочува дека Македонците се многу љубезни и отворени кон странските туристи, вклучително и Американците, и повеќето зборуваат барем малку англиски, но исто така и германски, италијански, албански… Виното, според Хафингтон пост, е уште една причина да се посети Македонија, каде источните делови на земјата забрзано стануваат препознатливи како вински регион. Друга причина е храната, од ефтините улични продавници на брза храна до поквалитетните ресторани, кои сепак се достапни за странските туристи.


