Актуелно
Иванов: „Нема да дозволиме ескалирање на состојбата!“
Најостра осуда за терористичкиот напад во Куманово од страна на групи чија цел беше дестабилизација на Македонија, како и подготвеност да не се дозволи ескалација на тензиите, изразена е вечерва на седницата на Советот за безбедност, истакна во обраќањето до јавноста претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
– На РМ овие два дена и се случи она на што предупредував уште пред неколку месеци во моето обраќање на Советот за безбедност во ОН. Сторителите и сите инволвирани во овој терористички чин скапо ќе платат за тоа што се обидоа да и го сторат на РМ и нејзините граѓани. Сакам јасно да ставам на знаење, нема да дозволиме ескалирање на тензиите. Правиме се што е потребно за да не дојде до дестабилизација на државата и нарушување на меѓуетничките односи, рече Иванов.
Тој изрази жалење за загубените животи на припадниците на МВР и побара мудрост од граѓаните, поддршка од лидерите на политичките партии да се однесуваат одговорно, како и од медиумите.



