Актуелно
МАКЕДОНИЈА ГЛАСА: Деветти парламентарни избори во Македонија
Во Република Македонија денеска се спроведуваат избори за пратеници во Собранието. Ова се досега деветти парламентарни избори во Македонија, а четврти предвремени од 2008 година. Право на глас според Избирачкиот список имаат 1.784.416 граѓани, од кои 1.531.368 граѓани во Македонија.
Гласањето започна во 7:00 и ќе трае до 19:00 часот. Изборите се спроведуваат според пропорционален модел во шест изборни единици со 3.480 избирачки места во Македонија и во Седмата изборна единица која ја опфаќа дијаспората каде има 46 избирачки места. Гласањето во дијаспората се одвиваше вчера, кога се изјаснуваа и болните и немоќните, затворениците и лицата во притвор и внатрешно раселените лица.
Избирачкото ливче ги содржи имињата на сите 11 коалиции и партии што имаат 58 листи со 1.092 кандидати. Во онаа изборна единица каде поголем број од жителите се припадници на некоја од заедниците избирачкото ливче е на македонски јазик и на нивниот мајчин јазик.


