Вести
Малта, Рим и Ваксјо, нови дестинации на Виз ер од скопскиот аеродром
Со реализација на летот од Малта на скопскиот аеродром „Александар Велики“, ТАВ Македонија денеска го одбележа воведувањето на трите нови дестинации – Малта, Рим и Ваксјо, како и одлуката на Виз ер да инвестира во поставување на 4-от воздухоплов во нејзината база во Скопје.
На новите рути од Скопје до Малта, Рим и Ваксјо, ќе се лета со модерниот Ербас А320 со 180 седишта. Патниците можат да ги резервираат авионските билети на wizzair.com со цени почнувајќи од 1.119,99 денари.
– Виз ер, авиокомпанијата која е број еден во Македонија, продолжува со својот пораст овозможувајќи им на нашите клиенти да патуваат низ Европа и подалеку по најниски цени. Нашиот четврти воздухоплов на скопскиот аеродром ќе создаде голем број дополнителни работни места, а новите дестинации кои се додаваат на мрежата на рути, значат уште поголем избор за патниците на Виз ер од 27-те популарни авиолинии од Скопје до 13 држави, изјави Сорина Рац, менаџер за корпоративни комуникации во Виз ер.
Новиот воздухоплов што се поставува денеска во базата во Скопје носи вкупна инвестиција во Македонија од 396 милиони долари, како и 139 вработувања, велат од Виз ер.



