„Ојш? Ода ам, почвит Вевчански Карневал“!
Звучниот и оригинален слоган „Кеојш“ преку кој што Вевчани ги повика граѓаните да станат Василичари, до сега, резултираше со голем одзив.
Иако нѐ дели само еден ден до официјалното отворање на овој историски карневал, Вевчани е веќе полно со туристи, сите капацитети во и околината се веќе полни. Вевчанци и посетителите со нетрпение чекаат да ги видат маските кои се подготвуваат 365 дена, а многумина ги прават и последните подготовки за да се приклучат на уличниот театар и да го заиграат Василичарското оро. Зурлите и топаните веќе надалеку се слушаат!
Општината како организатор, под покровителство на Министерството за култура, е подготвена да ги пречека илјадниците гости, кои непрекинато доаѓаат од земјава и од странство. Сепак, најголем број на посетители, домаќините очекуваат на 13-ти јануари (понеделник) кога, со почеток во 14:00 часот, ќе започне главното дефиле на маските во центарот на Вевчани. Забавната програма на 12-ти јануари ќе започне од 19.00 часот, а на 13-ти јануари музичката програма започнува во 21.00 часот. 14-ти јануари, е резервиран за традиционалното василичарско оро и палење на маските.




