Актуелно
Надлежните на терен вршат увид за падот на авионот кај Кожле
По падот на приватниот авион „Пајпер Па 34-200 Т Сенека“ со германски национални ознаки, вчера попладне кај велешко Кожле, а во кој загинаа сите шест патници, на терен е тим на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти. Комитетот е независно истражно тело формиран според обврските од потпишаната Конвенција на Република Македонија за Меѓународно цивилно воздухопловство.
Активности за расветлување на авионската несреќа презема и Јавното обвинителство. – По добиените сознанија, обвинителството во координација со надлежните институции презема мерки за утврдување на местото на несреќата, негово обезбедување и натамошно постапување. Истовремено се прибираат податоци и релевантни факти во насока на утврдување на причините за несреќата, соопшти Јавното обвинителство и најавува дополнително подетални информации.
Како што објавија италијанските медиуми, со приватниот авион управувал пилотот Франческо Монтањер, претседател на аматерскиот спортски аероклуб „Тревизо“. Со него биле и потпретседателот на клубот Дарио Бастасин, Лука Дале Муле и Ангело Калегари, како и Иларија Бертио и Висар Бегај од Косово, кои имале и италијанско државјанство.



