Вести
Од утре нови полимерни 10-ки и 50-ки, книжните нема да важат
Од утре во оптек влегуваат првите полимерни пари, во апоенска вредност од 10 и 50 денари. Со почетокот на употребата на новите банкноти од оптек се повлекуваат досегашните книжни 10-ки и 50-ки кои нема да бидат законско средства зо плаќање.
Од НБРМ соопштуваат дека основната разлика меѓу полимерните и книжните пари што се повлекуваат од оптек е токму материјалот што се користи како подлога за печатење ‒ хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен. Во соопштението појаснуваат дека поради постигнување компатибилност за печатарска изведба на овој супстрат за изработка, направено е соодветно приспособување на основниот дизајн на овие пари. Меѓу другото, наместо водениот печат што го содржеа книжните, полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари ќе содржат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн. Поконкретно, кај апоенот од 10 денари е претставен стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета.
Заштитниот конец кај полимерните пари се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст „НБРМ“, додека кај книжните пари коишто се повлекуваат од оптек, тој е вткаен во хартијата и под дејство на светлина се гледа како непрекината линија со јасно испишан текст „НБРМ“.



