
Македонија
44 години од раѓањето на Тоше Проески
Денес, на 25-ти јануари, Крушево ќе биде домаќин на специјален настан за одбележување на 44 години од раѓањето на македонската и балканска музичка легенда, Тоше Проески, кој трагично го загуби својот живот во сообраќајна несреќа во Хрватска, на 16 октомври 2007 година.
На неговото вечно почивалиште на Гумење се очекува голем број фанови и поддржувачи од Македонија и странство да се соберат, за да му оддадат почит на Тоше и да го посетат Спомен домот „Тодор Проески”, каде што се изложени лични предмети на пејачот, кои го одржуваат неговото сеќавање живо во срцата на неговите фанови.
Во чест на Тоше, во Спомен домот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција, која ќе започне од 9:00 часот и ќе трае до 16:00 часот. Врвот на денот ќе биде во 11:15 часот, кога делегации и бројни обожаватели ќе положат цвеќе на Гумење, во времето кога Тоше се родил.



