Актуелно
Отворени пет нови авиолинии од Скопскиот аеродром
Од скопскиот аеродром „Александар Велики“ од денеска се воведени директни авиолинии кон Осло и Фридрихсхафен, дел од најавените пет нови дестинации на нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ сo субвенции од македонската Влада.
Првиот лет до Осло се реализираше изутрината во 6 часот, а до Фридрихсхафен попладне во 13 часот и 30 минути. Утре во 18 часот и 25 минути од „Александар Велики“ ќе замине и првиот авион на „Визер“ за новата дестинација Барселона со што Македонија првпат воздушно ќе се поврзе со Шпанија. Задутре, пак, скопскиот аеродром ќе ги отвори новите линии до Хамбург во 6 часот и 15 минути наутро, како и до Нирнберг во 13 часот и 15 минути попладне.
На новите линии кон европските градови „Визер“ ќе сообраќа двапати неделно. За Фридрихсхафен секој понеделник и петок, за Барселона во вторник и сабота, а за Хамбург и Нирнберг во среда и во недела. Цените на билетите се од 1.200 денари.



