Актуелно
Поради снегот да не се патува без потреба во западна Македонија
Автомото сојузот на Македонија препорачува поради обилните снежни врнежи без посебна потреба да не се патува во западниот дел од државава. Укажува на задолжително носење зимска опрема, исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и планирање на патувањето според временските услови.
Според АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од снег кој останува на коловозот по интервенција на дежурните екипи од „Македонија пат“.
Забрана за тешки товарни возила е воведена на патните правци крак Маврово – Дебар, крак Стража – Кичево и Тетово – Попова Шапка, а за автобуси на патот Тетово – Попова Шапка, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ). Превентивно забрана за камиони е воведена на планинскиот превој Пресека, како и на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, каде има чекање за излез од околу 30 минути. На останатите граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.


