Актуелно
Препораки за превенција од заразни болести во поплавените реони
Министерството за здравство и релевантните здравствени установи, Институт за јавно здравје и Центар за јавно здравје-Скопје извршија санитарно-хигиенски увиди на загрозените подрачја од поплавата во скопскиот регион (Ченто, Сингелиќ-Економија, Сингелиќ, Црешево, Стајковци и Смилковци).
За превенција на појава на заразни заболувања, соопшти Министерството за здравство дадени се повеќе препораки за населението во поплавените подрачја: да се користат водоотпорни ракавици, гумени чизми, заштитни очила и маски за лице при чистење на куќите, темелно да се чисти мувлата и калта со топла вода и детергент, кај мувли со поголем интензитет да се побара помош од стручно лице, а по чистењето ѕидови во куќите да се бојадисаат со вар, а облека која била во контакт со вода од поплавата да се испере одделно од другата облека, со детергент и со топла вода (70° С).
Се препорачува да се фрлат предметите кои биле во контакт со вода од поплавите (на пр. играчки, кујнски предмети, предмети од домаќинствата, мебел, теписи и оштетен под (паркет, ламинат и бродски дрвен под) или доколку нема поголеми оштетувања истите да се исчистат со топла вода (70° С) и со детергент, ѓубрето да се фрла во канти или пластични кеси за ѓубре и исклучиво во контејнери кои се наменети за таа цел, детскиот и човечки измет брзо и внимателно да се отстрани. а во случај системот за канализација да не е во функција, да се користат канти, хемиски тоалети или полски тоалети.



