Актуелно
Приведени девет лица во антитерористичката акција на МВР
Девет лица се приведени, а по 27 се трага по антитерористичката акција на МВР наречена „Ќелија“, која беше спроведена утрово во 3 часот и 30 минути во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Струга.
Како што истакна денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Митко Чавков, акцијата била планирана од септември минатата година до јули оваа година, при што биле обезбедени материјали за македонски државјани од повеќе националности за активно учество во организирање и подготвување лица за вклучување во паравоени формации надвор од територијата на Македонија.
– По добиените наредби од судија на претходна постапка извршени се вкупно 28 претреси кај 24 физички лица и четири објекти, од кои 21 во домови и други простории во Скопје, четири во Гостивар и по еден во Тетово, Куманово и Струга. Претреси биле извршени во интернет кафето „Фастнер“, придружните објекти на џамијата Тутунсуз, како и во просториите на невладините организации „Искра на милоста“ и „Исламска младина“- Сарај, истакна Чавков.



