Вести
Референдумот ќе го следат 11.907 домашни и 493 странски набљудувачи
Рекорден број домашни и странски набљудувачи денеска ќе бидат на избирачките места за да го следат процесот на изјаснување на граѓаните на Република Македонија за референдумското прашање. Официјалната бројка од ДИК на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи.
Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиума, но, како што информираат оттаму, неколкумина новинари биле одбиени поради тоа што доставиле барање за акредитации по истекот рокот кој заврши на 24 септември на полноќ.
Најмногу набљудувачи акредитирало Здружението за граѓански политики и иницијативи 5.574, потоа Сојузот на Здруженија на граѓани Македонска платформа против сиромаштија 3.736, НОВ МОСТ 1.882, Цивил – Центарот за слобода 307. Здружението Ленка 129, Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција Мак Сонце 119 набљудувачи, Здружението Национален ромски центар 46, Европско движење за град Скопје 44, Здружението Инклузива 40 и Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид 30 набљудувачи.


