Актуелно
Седум милиони евра за обнова на бесплатните учебници
И годинава продолжува проектот за бесплатни учебници, но сега, учебниците постари од пет години ќе се заменат со нови, освен оние по математика и природни науки за седмо, осмо и деветто одделение и за ова ќе бидат инвестирани вкупно седум милиони евра, информира денеска премиерот Никола Груевски.
Проектот, нагласи, се спроведува веќе седма година и е значајно олеснување и голема помош за над 200.000 родители.
– Оваа година ќе извршиме замена на старите со нови учебници. За таа цел ќе бидат испечатени нови учебници од прво до деветто одделение во основното образование и од прва до четврта година за средно образование. Во тој дел исклучок се само учебниците по математика и природни науки во седмо, осмо и деветто одделение кои согласно Акцискиот план за воведување на Кембриџ образовниот систем ќе бидат воведени во септември 2016 година, нагласи премиерот.



