Вести
ШОКАНТНИ БРОЈКИ: Во Македонија годишно се фрлаат 5.000 тони храна
Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Црвениот крст днеска во Веро Центар во Скопје ги одбележа 16 Октомври, Светскиот ден на храната и 17 Октомври – Светскиот ден на борба против гладта, со промоција на храна на штандови и делење брошури за едукација на граѓаните што значи безбедна храна и како да ја разликуваат и заштитат кога ќе ја донесат во својот дом да остане што подолго време безбедна за да не се фрла.
– Целта на денешното одбележување е да ги повикаме граѓаните и властите да преземат нешто околу фрлањето храна во Република Македонија. Според статистичките податоци со кои располагаме, во Македонија годишно се фрлаат 5.000 тони храна. Со таа храна би можело да се прехранат 13.000 луѓе со по три оброка дневно или еден мал град во Македонија да се храни цела година, изјави Маријана Лончар Велкова, претседател на ОПМ.
Таа посочи дека заедно со Црвениот крст сакаат да ги поттикнат маркетите и производителите на храна да преземат мерки за навремено отстранување на храната што е пред истек на рокот за да може да им се додели на сиромашните луѓе.


