Празник за љубителите на уметничко лизгање – викендов петто издание на Skopje on Ice
Денеска и утре (19 и 20 февруари) на лизгалиштето во СЦ Борис Трајковски ќе се одржи петтото издание на Меѓународниот натпревар во уметничко лизгање Skopje on Ice.
Љубителите на овој спорт ќе имаат можност да уживаат во настапот на 55 натпреварувачи, поделени во вкупно 10 категории, од кои осум во женска и две во машка конкуренција. И покрај пандемијата со COVID-19, на настанот ќе има и гости од Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина. Организатор на Skopje on Ice е Федерацијата за лизгачки спортови на Северна Македонија, која е формирана во 2013 година, од четири клуба кои се занимаваат со овој спорт.
„Уметничкото лизгање е млад спорт во Македонија, но интензивно се развива. Нашите спортисти имаат сè подобри резултати, а оваа година имаме огромен интерес за нашата школа за уметничко лизгање, па така педесетина деца зимава ги направија првите чекори на мразот. За жал сезоната е многу кратка и трае само три месеци, од декември до февруари. Како последица на тоа спортистите кои се занимаваат со уметничко лизгање се принудени да патуваат надвор од државата за да може да тренираат и да ја одржат својата форма. Затоа апелираме до надлежните, особено до СЦ Борис Трајковски да нѝ овозможи барем уште два месеци (ноември и март) мраз за да има услови овој спорт да продолжи да се развива“, велат од Федерацијата за лизгачки спортови.




