Вести
СНЕЖНО УТРО ВО МАКЕДОНИЈА: Најмногу снег во Маврово и Лазарополе – најстудено во Скопје
Највисока снежна покривка во државава изутрина во седум часот е измерена во Маврово и Лазарополе, каде има 11 сантиметри снег, а во Тетово и во Пожаране е формирана снежна покривка од три сантиметри.
Според Управата за хидрометеролошки работи (УХМР), најниска температура од минус седум степени Целзиусови е измерена во Скопје Петровец, по што следа Штип со минус пет, Скопје Зајчев Рид, Куманово, Берово, Гевгелија, Струмица и Демир Капија, со минус четири, Маврово и Тетово со минис три, минус два Битола и Крива Паланка, минус еден Лазарополе, Ѓуриште, Виница и Крушево,…
УХМР најавува дека денеска времето ќе биде облачно со врнежи од снег, најпрво во северните и западните, а до крајот на денот и во останатите делови од земјава. На југот од земјава врнежите најпрвин ќе бидат претежно од дожд, а потоа ќе преминат во снег. Пообилни врнежи се очекуваат во попладневните и ноќните часови. Насекаде ќе се формира снежна покривка, на планините и до 50 сантиметри. Ќе дува умерен, попладне засилен северен ветер, но во јужните делови претпладне ветерот ќе биде јужен. Температурата ќе достигне од 1 до 8 степени. Во Скопје облачно со врнежи од снег, попладне со засилен северен ветер. Температура до еден степен.


