Вести
„Спејс икс“ првпат во историјата лансираше веќе рециклирана ракета
Насмевката на лицето на Илон Маск, директорот на „Спејс икс“, зборуваше повеќе отколку илјадници искажани зборови. По повеќегодишна напорна работа и повремени неуспеси, компанијата „Спејс икс“ повторно се впиша во историјата со лансирање на веќе користена ракета, што минатата година успешно беше вратена на Земјата.
Лансирањето на „Фалкон 9“, како што беше планирано, почна во 18.27 часот по локално време од Кејп Канаверал, на Флорида. Погонската фаза од ракетата, што веќе беше користена минатата година за да однесе продукти до Меѓународната вселенска станица, совршено функционираше и во орбитата однесе комуникациски сателит.
Директорот и сопственик на компанијата „Спејс икс“, Илон Маск, воодушевено реагираше на успехот, истакнувајќи дека ова е огромен чекор за вселенската индустрија.



