Вести
Објавен конкурсот за упис во средни училишта, првиот рок 28 и 29 јуни
Министерството за образование и наука денеска го објави Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во Република Македонија за учебната 2017/2018 година. Тој обезбедува вкупно 35.909 ученички места и тоа 25.127 на македонски наставен јазик, 9.830 на албански наставен јазик, 918 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик (во кои се вклучени и паралелките во реформирано двегодишно и тригодишно стручно образование).
Првото пријавување и запишување на учениците во јунскиот уписен рок се врши на 28 и 29 јуни 2017 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 30 јуни 2017 година.
Квалификациското тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 3 јули 2017 година, а резултатите ќе се објават на 4 јули 2017 година. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.



