Актуелно
„Титаник“ прв случај на СЈО, побаран притвор за осум лица
Првиот случај за кој Специјалното јавно обвинителството (СЈО) отвори истражна постапка е „Титаник“, а се однесува на десетина дела поврзани со изборите, соопшти денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференцијата во СЈО посочи дека е отворена истражна постапка за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година. Наведе дека министрите за внатрешни работи, за транспорт и врски и секретарот на тогашната влада, како и други лица, го искористиле влијанието и на локално и државно ниво создале група за вршење кривични дела, за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите.
Предметот и основаните соменија врз одредена група луѓе, чиј идентитет не го откри на прес-конфернецијата е оформен по преземени огромен број истражни дејства врз основа огромен број индиции и сигурни докази. Делата за кои се сомничат според законодавецот се кривични и за нив се добива затворска казна од три години.


