Актуелно
Трет Скопски цветен фестивал
Под мотото „1.000 цвета за Скопје“, денеска во вториот дел од Градскиот парк, на просторот спроти „Паркот за миленици“, ќе почне третиот Скопски цветен фестивал. Организатори се Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“.
Посетителите на Цветниот фестивал, што ќе се одржува викендов, ќе имаат можност да купат цвеќе и цветни аранжмани, да ја изразат својата умешност со цвеќето, да добијат совети, консултации и идеи поврзани со уредувањето и одржувањето на цвеќето и зеленилото, да се дружат на отворено и да се забавуваат.
На отворањето на Цветниот фестивал ќе му претходи цветно дефиле во кое ќе учествуваат околу 450 деца од градинките и основните училишта, како и велосипедисти од неколку велосипедски здруженија. Тие ќе тргнат во 10 часот од фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк и ќе пристигнат на локацијата предвидена за фестивалот.



