Актуелно
Туристичката сезона во Охрид почнува со „Бело лето“
Со манифестацијата „Бело лето“, Охрид и годинава ќе го најави почетокот на летната туристичка сезона. Манифестацијата ќе се одржи од 3 до 5 јули , а централниот настан ќе биде на 4 јули со концерт на „Слаткаристика“, Тајзи и „Саунд месинџерс“.
Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид, Ѓоко Апостолов денеска на прес-конференција истакна дека со „Бело лето“ ќе бидат најавени сите активности кои во текот на летниот период ќе се одржат во Охрид, со цел да се збогати туристичката понуда на градот.
– Се надеваме дека ќе бидат доволна причина, што поголем број туристи да го посетат нашиот туристички бисер. Главниот акцент ќе биде на 4 јули, во сабота, со почеток во 21 часот кога на Градскиот плоштад концерт ќе одржат „Слаткаристика“, Тајзи и „Саунд месинџерс“, во кој е и охриѓанката Симона Поповска. Она што требаше да биде како спектакл на вечерта беше планираниот настап на Боби Мојсоски, но за жал, заради професионалните обврски кон продукцијата „Икс Фактор“, мора да настапи во Белград. Неговиот настап пред охриѓани сепак ќе биде само пролонгиран и ќе се одржи во текот на летото, најави Апостолов.



