Вести
Уште тројца осомничени за грабежот во НЛБ банка
По дополнително преземени мерки и дејствија како и обезбедени докази во случајот на затајување во НЛБ банка, Единицата за економски и компјутерски криминал до надлежното ОЈО поднесе писмено известување за лицата Г.С.(43) брат на првопријавениот Б.С., за Е.П.(24) вработена како банкарски комерцијалист во НЛБ Банка и за Б.М.(38) пријател на првопријавениот, сите од Скопје.
За нив, информира МВР, постојат основи на сомнение дека извршиле кривично дело „затајување“ в.в. „помагање“, со што на првопријавениот Б.С. директно му помогнале во извршувањето на кривичното дело со кое противправно се стекнал со имотна корист од 2,4 милиони швајцарски франци и 645.000 евра.
– На 4 април годинава Б.С. околу 17 часот на шалтерот на кој работела пријавената Е.П. се информирал за курсот на еврата и швајцарските франци, со образложение дека некој негов пријател сакал да направи конверзија на евра во швајцарски франци, но наводно не знаел кога би ја извршил конверзијата. После половина час, првопријавениот Б.С. заедно со неговиот брат Г.С. пристапиле кон шалтерот при што од страна на Г.С. на пријавената Е.П. и биле предадени 95.000 евра заедно со негова лична карта, за преку неговата трансакциска сметка да изврши конверзија во швајцарски франци. Откако вработената ја направила потребната нарачка со електронски налог до трезорот, Б.С. и кажал дека парите лично ќе ги земе од трезорот без да ги пушти по воздушната цевка како што била процедурата. Од страна на Г.С. биле потпишани сите потребни документи за паричните средства, а Е.П. ги задржала 95.000 евра во благајна, по што по завршување на смената заради обезбедените банкарски исправи, уредно попишани дека извршила конверзија, немала кусок на благајната, ниту пак имала вишок парични средства, соопшти МВР.



