Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Владата апелира средношколците да се вратат на настава

Актуелно

Владата апелира средношколците да се вратат на настава

Претставници на Владата  и на средношолците денеска одржаа средба во Министерството за образование и наука по која вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски апелира родителите да влијаат средношколците да се вратат на настава.

Средбата, како што рече, иако била со нелегитимни претставници на средношколците, е поради грижа за нивната безбедност по одлуката од денеска да кампуваат спроти Министерството за образование и наука.

– Денеска ги примаме затоа што се одлучија да штрајкуваат со шатори пред МОН. Се доведуваат самите себе во небезбедна ситуација. На што ќе личи тоа тие цела ноќ да седат тука. Тоа е причината зошто ги примивме денес. Инаку, основните претпоставки и понатаму важат, изјави Пешевски, одговарајќи на новинарски прашања.

Ги повика родителите да побараат од своите деца да престанат со бојкотот бидејќи, како што рече, во крајна линија тие се најголеми губитници, со оглед дека веќе 12-ти ден голем број од децата не  посетуваат настава и е пропуштен е доста материјал. Нам навистина ни е во интерес образованието да продолжи, да завршат матурските испити и да им се овозможи на оние деца коишто сакаат да го продолжат образованието да се запишат на факултет, изјави Пешевски.

Средношколците, пак, информираа дека не е постигнат договор и најавија оти ќе останат да кампуваат се до исполнување на барањата  да се врати стариот концепт на полагање државна матура и да се стави во мирување Законот за екстерно тестирање. Нивните барања, според Пешевски, Владата детално ќе ги разгледа. Владата, наведе, покажала флексибилност за новиот концепт на матура и овозможила математиката биде задолжителна само за оние коишто се со математичка насока. Сите реформи што ги правиме, потенцира, генерално се во интерес за подобрување на квалитетот во образованието и она што го добиваат децата од оваа држава.

– Не би сакале децата да бидат предмет на манипулација, не би сакале со нив да се служи некој за едноставно да добие политички поени, но еве ние ќе ги ислушаме денеска, ќе видиме што се нивните барања, ќе размислиме во наредниот период дали дел од тоа држи вода што се вели и доколку има некаков простор ќе размислиме како и што понатаму. Но, сепак, сакам да кажам дека интересот на државата, интересот на Владата е да се продолжи со реформите бидејќи во крајна цел тие се најмногу и најмногу во интерес на децата, рече Пешевски.

Одговарајќи на новинарски прашања  рече дека не може да каже рокови за исход или решение. – Бидејќи барањето беше да бидат примени во МОН во врска со бојкотот, предложено им е да прекинат со бојкотот, меѓутоа дел од децата се солидаризираа со своите ученици и се разбира многу е полесно средношколец да не доаѓа на училиште бидејќи не е и целосно свесен за последиците коишто ќе ги трпи, рече вицепремиерот Пешевски.

Ќе настојуваме, додаде, доколку има простор и доколку има логика во тие барања ако оцениме да излеземе со некакви нови предлози, но сепак Влада досега покажа доволно флексибилност. – Да бидеме свесни, секаква флексибилност во овој момент во суштина оди на штета на учениците за нивниот образовен процес. И ако покажеме флексибилност тоа е само за да се задржи безбедноста на децата, едноставно да се вратат во училиштата, наведе Пешевски.

Прашан што ќе се случи ако продолжи бојкотот  и средношколците ги пропуштат роковите за упис Пешевски одговори дека за тоа треба да се запрашаат родителите.  Во однос на тоа зошто се чекале 12 дена за да бидат римени на разговор вицепремиерот потенцира дека Владата и Министерството мора да се сретнат со легитимни претставници.

– Не е доволно да се соберат 20 деца и да се декларираат во некаква организација која никаде не е лоцирана, нема свое седиште, нема свој официјален претставник. Со кого ќе разговара? Кога има каква било група на граѓани истите тие треба да се организираат на еден начин и да видиме со кого се разговара. Нема официјален водач, разно разни лица даваат изјави, меѓутоа тие се инструирани од некого, не излезе тој некој да се појави и да каже еве со мене разговарајте. Унијата на средношколци е официјална организација која што е вистинита, постои, Владата мора да разговара со легитимен претставник, со оној којшто е деклариран како претставник каде што се знае кое како функционира, рече Пешевски.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми исто така најави дека ќе бидат разгледани барањата на учениците и повторно ги повика да се вратат на настава.

– Ќе ги разгледаме нивните барања и во тој правец сакаме да истакнеме дека сите подготвителни активности односно реформи кои ги спроведуваме се со цел да обезбедиме поквалитетно образование. Никогаш не сакаме да размислуваме дека некоја реформа ќе биде на штета на самите ученици и на целиот образовен процес во Република Македонија. Би сакал да ги повикам учениците да се вратат на настава, родителите исто така да работат со нивните деца тие да се вратат на настава затоа што местото на учениците е во училишните клупи, изјави Адеми.

Прашан дали постои опасност од пролонгирање на државната матура министерот за образование рече дека засега нема такви барања.

– За тоа се надлежни училиштата, тие треба да предложат до МОН како кое треба да се надмине, а МОН го разгледува, го одобрува или го враќа повторно на разгледување. Сега засега немаме такви барања кога ќе ги добиеме ќе одобриме, рече Адеми.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.