Вести
Во Македонија се одбележува Меѓународниот ден на трудот
Во Македонија денеска се одбележува Меѓународниот ден на трудот што традиционално во светот се прославува во чест и сеќавање на борбата на работниците за унапредување на нивните права.
Синдикалните организации најавуваат низа активности со кои ќе го одбележат овој ден. Најстариот, Сојузот на синдикати на Македонија, како што се вели во прогласот, оваа година ќе ги афирмира целите и принципите и ќе бара спроведување на Протоколот за социјален напредок кој се фокусира на натамошен развој на социјалниот дијалог, спроведување на колективното преговарање на сите нивоа, подигнување на животниот стандард, квалитетот на живот, зголемување на платите, спроведување „еднаква плата за еднаква работа“, ратификација и имплементација на меѓународните стандарди на трудот, владеење на правото и унапредување на работничкото законодавство, елиминирање на секаков вид на родова, полова, старосна и секаков друг вид на дискриминација.
– ССМ и натаму останува крајно посветен на борбата за сигурни работни места, за зајакнување на работниот однос на неопределено работно време, намалување на временскиот период за вработување на определено работно време, дополнителни услови за заминување во пензија, дополнително даночно ослободување на надоместоците од работа, партиципативна работничка демократија и сигурни социјални солидарни фондови, се вели во прогласот.


