Актуелно
За два месеца 44 илјади мигранти влегле во Македонија од Грција
Само во последните два месеца од Грција во Македонија влегле околу 44.000 мигранти, повеќето од Сирија, Авганистан, Ирак и Пакистан. Голем дел од нив организирано се транспортираат до македонската граница од страна на грчките власти, објавува Би-Би-Си.
Последен таков пример е вчерашната одлука на Владата во Атина со брод да пренесе 2.500 мигранти во Солун од каде потоа би продолжиле до Македонија на пат кон некоја од западноевропските земји. Од Солунското пристаниште бегалците организирано се пренесуваат со автобуси до граничниот премин Евзони.
Поради напливот на мигранти од Грција македонските власти вчера прогласија кризна состојба на јужната и на северната граница. Според информациите од терен, на македонско-грчката граница и во Гевгелија продолжуваат да пристигнуваат нови мигранти. Дел од нив се упатуваат кон железничката станица во Гевгелија, а на полициските службеници им покажуваат потврди издадени во Грција и признаваат дека биле организирано транспортирани со автобуси до македонската граница.


