Македонска пошта осветлена како реактор во нуклеарно зелена боја (ФОТО)
React/or е светлосна инсталација направена на зградата на шалтерната сала на „Пошта на Северна Македонија – Скопје“. Во еден од највпечатливите објекти во Скопје, зграда која се најде во светските енциклопедии на брутализмот, изминатиот месец се случува уметност што повеќето случајни минувачи не ја ни забележуваат.
Навечер, кога градот тоне во мрак и на градските улици се гледаат само уличните светла, во оваа маркантна зграда во изминатиот период се гледа зелена светлина, која остава впечаток како во неа да се случува некоја хемиска или нуклеарна реакција. Скопскиот светлосен дизајнер Mартин Димитријев со оваа дистописка инсталација го преиспитува гледањето кон денешниот град и неговите знаменитости, кои ги имаме запоставено и загадено од физички аспект, но и од аспект на човечки вредности. Нуклеарните и хемиските реакции во јадрото на зградата симболизираат создавање нова енергија, нов импулс за создавање и повторно обмислување на градските простори.
Зелената боја на фасадата, не случајно избрана, ја симболизира новата енергија, новиот импулс за создавање и повторно обмислување на зградата на уништената шалтерна сала, но и другите градски простори. Поштата е една од малкуте згради претставници на специфичен архитектонски стил, карактеристичен за едно време и при инсталацијата е третирана со сета должна почит и внимание кон архитектот и зградата, со акцент на ненаметливост на инсталацијата и задржување на автентичноста на објектот.



